Selen Temizer
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
АСТАНА (АА) - На состанокот на претставниците на Турција, Русија и Иран во казахстанската престолнина Астана, договорено е покрај официјална Анкара и Москва, и иранската страна да биде гарант на примирјето во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Астана вчера започнаа подготвителните состаноци за новиот круг преговори за Сирија, а денес е организирана трилатерална средба на делегациите на Турција, Русија и Иран. На состаноците ќе се придружи и воената делегација на сириската опозиција.
Паралелно со подготвителните состаноци за новиот круг преговори за Сирија кои се одржуваат во казахстанскиот град Астана, Асадовите сили продолжуваат да го кршат договореното примирје со нападите над цивилите.
Најмалку 11 цивили се убиени, а 13 се ранети во нападот на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во северозападната сириска покраина Идлиб.
Претставникот на Цивилната заштита во Идлиб, Јахја Арче за АА изјави дека силите на Асад утринава извршиле напад врз населено место во регионот Кусур, а во нападот е користена разорната вакуумска бомба.
„Во нападот загинаа најмалку 11, а ранети се 13 цивили. Спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до три семејства коишто останаа заробени под урнатините на зградите што беа цел на нападот. Меѓу ранетите има повеќе животно загрозени“, изјави Арче.