Said İbicioğlu
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ТРИПОЛИ (АА) - Амбасадите на Англија, Франција, Италија и САД во Триполи упатија апел за прекин на судирите во подрачјето познато како „нафтена полумесечина“, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот на Англија во Триполи, Питер Милет, преку својот профил на социјалните мрежи објави заедничка изјава во која се вели: „Потребно е да прекинат судирите во подрачјето на „нафтената полумесечина“ и да се избегнуваат активности што ќе направат штета врз инфраструктурата во нафтениот сектор“.
„Нафтената инфраструктура и приходите од нафтата му припаѓаат на народот на Либија“, стои во обраќањето на амбасадорите, во кое се истакнува дека според резолуциите 2259 и 2278 на Советот за безбедност на ОН (СБОН), Националната нафтена компанија треба да остане под посебна контрола.
Силите лојални на пензионираниот либиски генерал Халифа Хафтар, вчера започнаа напади со цел да го повратат подрачјето „нафтена полумесечина“.
Минатата недела, во судирите меѓу силите под водство на генерал Хафтар и Бригадите за одбрана на Бенгази, во источниот дел од Либија, силите на Хафтар го изгубија подрачјето на „нафтената полумесечина“. Ова подрачје опфаќа голем број градови во областите меѓу Бенгази и Сирт. Покрај резервите од нафта, во подрачјето на „нафтената полумесечина“ се наоѓаат и пристаништа за нафта во Сирт, Рас Лануф и Брега.
Бригадите за одбрана на Бенгази се формирани на 2 јули, со цел да ги спасат елементите на Револуционерниот совет на Бенгази, кои беа под опсада од страна на силите лојални на Собранието во Тобрук.
Генералштабот на армијата, која ја поддржува Владата на национално помирување во Либија, излезе со изјава дека вооружената група Бригадите за одбрана на Бенгази се поврзани со нив.