Qays Abu Samra,Gülşen Topçu,Hamdi Yıldız
17 Август 2019•Ажурирај: 19 Август 2019
РАМАЛА (AA) - Израелските власти им забранија влез во оваа земја на Рашида Тлаиб и Илхан Омар, муслиманките кои се пратенички во Долниот дом од американскиот Конгрес, јавува Anadolu Agency (AA).
Муфтије Тлаиб, баба на Рашида, за АА изјави дека планирала да организира прослава за внуката на Западниот Брег.
Меѓутоа, таа се откажала од доаѓањето, поради, како што рече, репресивните услови што ги поставил Израел. Говорејќи во својот дом во Бејт Ур ел-Февги, на западот на Рамала, Муфтије изјави дека ја поддржува ваквата одлука на внуката, но дека е тажна бидејќи нема да ја види.
„Кога чувме дека доаѓа, планиравме да направиме дочек“, раскажа бабата која за внуката подготви и традиционална палестинска облека.
Вујкото Басим Тлаиб потсети дека Рашида има право да ја посети својата земја и семејството, но дека тука се окупаторските сили кои на тоа се спротивставуваат.
Како што рече, тие сили не сакаат да го слушнат „гласот кој ги поддржува правата на Палестинците“.
Откако Израел најави дека ќе ја одобри посетата под одредени услови, Тлаиб на Твитер објави дека ја откажала посетата поради ставот за етничката дискриминација.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди претходно дека на муслиманските парламентарки од Соединетите Американски Држави (САД), Рашида Тлаиб и Илхан Омар, муслиманките кои се пратенички во Долниот дом на американскиот Конгрес, не им е дозволен влез во Израел.
Паралелно со тоа, и американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер ги обвини Тлаиб и Омар дека се „непријателки на Израел и Евреите“ и порача дека треба да им се забрани влез во Израел.
„Ако не им се забрани влез, Израел ќе покаже голема слабост. Тие го мразат Израел и Евреите и тоа е невозможно да се смени“, порача Трамп.
Пораките на Трамп предизвикаа жестоки дебати во американската јавност, а критичарите тврдат дека е недозволиво претседателот на државата да повикува друга држава да ги казни нејзините сопствени граѓани.
Пратеничките Тлаиб и Омар наредната недела би требало да ги посетат Израел и Палестина, а тој план е под знак прашалник по неодамнешната одлука на израелските власти.