Diyar Güldoğan
08 Мај 2024•Ажурирај: 09 Мај 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Министерството за надворешни работи на Бахамите вчера објави дека Владата на земјата одлучила формално да ја признае Палестина како држава, јавува Анадолу.
„Владата на Бахамите верува дека признавањето на државата Палестина силно ја покажува посветеноста на Бахамите кон принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации и правото на народите на самоопределување како што е артикулирано во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (ICCPR) и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (ICESCR)“, се наведува во соопштението на Министерството.
Бахамите го поддржуваат законското право на палестинскиот народ „слободно да го одредува својот политички статус и слободно да го следи својот економски, социјален и културен развој“, се додава.
Бројот на земји кои ја признаа палестинската државност на ниво на ОН неодамна се зголеми во насока Палестина да добие полноправно членство во таа меѓувладина организација.
Палестина беше прифатена како држава набљудувач од Генералното собрание на ОН во 2012 година, дозволувајќи му на нејзиниот пратеник да учествува во дебатите и организациите на ОН, но без право на глас.
Државите се примаат во членство во ОН со одлука на Генералното собрание и по препорака на Советот за безбедност.
За усвојување на резолуцијата на Советот потребни се најмалку девет гласа „за“ и без вето од постојаните членки - САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина.