Esra Kaymak
20 Јануари 2017•Ажурирај: 21 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Сирискиот претседател Башар ал Асад денес изјави дека приоритет на претстојните мировни преговори во Астана, престолнината на Казахстан, ќе биде постигнувањето договор за оддржлив прекин на огнот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Разговорите во Астана ќе бидат можност за сите страни што учествуваат во судирот во Сирија да разговараат за сѐ", изјави Асад за јапонската телевизија „ТБС“, и додаде:
„Колку што сфатив, приоритет ќе биде постигнувањето траен прекин на огнот“.
Запрашан што би сторил доколку од преговорите произлезе повик за формирање на преодна сириска влада, Асад изјави дека сирискиот устав не вклучува таков концепт.
Наместо тоа, Асад тврди дека за владата на национално единство, која би вклучувала претставници на различни групи, тој може да дискутира со учесниците на состанокот. Асад додава дека доколку се воспостави таква влада на национално единство, тогаш можби би можеле да се одржат парламентарни избори.
На прашањето дали ќе поднесе оставка заради мирот во Сирија, Асад изјави дека нема да разговара на таа тема, ниту со сириската опозиција ниту со претставниците на другите земји.
Женевскиот процес под патронатот на Обединетите нации, чија цел е да се заврши граѓанската војна во Сирија, повикува на формирање привремена влада, во која би биле претставниците на режимот и на опозицијата, додека новата влада не биде избрана со јавно гласање.
Разговорите меѓу преговарачите од сириската Влада и од опозицијата, според планираното треба да започнат на 23 јануари, во главниот град на Казахстан.
По минатонеделниот договор за прекин на огнот, со посредство на Турција и Русија, состанокот во Астана доаѓа како дел од напорите на двете земји да се пронајде политичко решение за крај на шестгодишниот судир.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица загинаа, а над 10 милиони се раселени.