Mücahit Aydemir
03 Јануари 2023•Ажурирај: 04 Јануари 2023
АЛ-КУДС (АА) - Иако израелските медиуми синоќа објавија дека министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир ја одложил контроверзната посета на комплексот на џамијата Ал Акса во Источен Ал-Кудс (Ерусалим), тој утринава, придружуван од полицијата, сепак влезе во Ал-Акса, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екстремниот десничар Бен-Гвир, кој влезе во Ал Акса во раните утрински часови под заштита на израелската полиција, е првиот израелски министер на функција што влегол во оваа џамија во последните пет години.
Израелскиот политичар овој потег, со кој се наруши статусот кво на џамијата Ал Акса, го изврши на 10-тиот ден од месецот тевет (Асара БеТевет) според хебрејскиот календар.
Палестинската страна го осуди упадот на Бен-Гвир во Ал Акса, нарекувајќи го чинот „напад врз Ал-Акса“ и го прогласи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одговорен за тензиите.
Во соопштението на палестинското Министерство за надворешни работи се наведува дека ова е „провокација без преседан“ и дека тоа е „сериозна закана што ќе доведе до ескалација на конфликтот, игнорирање на повиците за прекин на конфликтот и отворање на патот за понатамошни рации од страна на еврејските доселеници и прекршувањата против џамијата Ал Акса“.
„Министерството го смета Нетанјаху одговорен за овој отворен напад на џамијата Ал Акса и ќе продолжи да го прави тоа на сите нивоа во координација со братското Хашемитско Кралство Јордан“, се вели во соопштението.
Претходната најава на Бен-Гвир дека ќе ја „посети“ Ал Акса наиде на реакција и ескалација на тензиите на окупираните палестински територии.
Бен-Гвир има екстремно десничарски ставови за Палестинците и повикува на нивно раселување. Во неколку наврати, тој им се придружуваше на израелските доселеници во нападот на комплексот на џамијата Ал Акса.
Поранешниот израелски премиер Јаир Лапид вчера ја осуди планираната посета на израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир на комплексот на џамијата Ал Акса, нарекувајќи ја „намерна провокација“.
Израелскиот претседател Исак Херцог во ноември минатата година во протечената аудио снимка предупреди дека целиот свет е загрижен за екстремистичките ставови на Бен-Гвир.
Џамијата Ал Акса е третото најсвето место во светот за муслиманите. Евреите ја нарекуваат оваа област Планина на храмот, велејќи дека тоа е местото на двата еврејски храма во старо време.
Израел од 2003 година им дозволува на израелските доселеници да влегуваат во комплексот речиси секој ден, освен во петок и сабота.
Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година го окупира Источен Ал-Кудс, каде што се наоѓа и Ал Акса, а во 1980 година го анектира целиот град, што меѓународната заедница никогаш не го призна.