Aysu Biçer
29 Мај 2026•Ажурирано: 29 Мај 2026
Беспилотно летало се урна во станбена зграда во југоисточниот романски град Галати, во близина на границата со Украина, при што се повредени две лица и предизвикан е пожар, соопштија властите денес, јавува Анадолу.
Генералниот инспекторат за вонредни состојби на Романија во објава на Фејсбук соопшти дека беспилотното летало погодило 10-катен станбен блок и дека околу 70 луѓе биле евакуирани.
„Во текот на ноќта меѓу 28 и 29 мај, Руската Федерација ги обнови нападите со беспилотни летала врз цивилни и инфраструктурни цели во Украина, во близина на речната граница со Романија“, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Министерството наведе дека беспилотното летало бил следено со радар пред да се урне во станбената зграда.
„Беспилотното летало влезе во романскиот воздушен простор, при што беше следено со радар до јужниот дел на град Галати, и се урна на покривот од блок станбени згради, а по ударот следуваше пожар“, се вели во соопштението.
Романија соопшти дека нејзините воздухопловни сили реагирале откако биле откриени беспилотни летала во близина на нејзиниот воздушен простор, додавајќи дека на местото на настанот биле испратени екипи за итни случаи, полиција и разузнавачки служби.
Властите, исто така, издадоа итни предупредувања до жителите во блиските окрузи Тулчеа и Браила.
„Ситуацијата е динамична и ќе се вратиме со информации и официјални податоци штом ќе бидат достапни“, соопшти Министерството.