Ayhan Şimşek
28 Мај 2026•Ажурирај: 28 Мај 2026
Германската армија нарача повеќе од 2.000 воени транспортни возила од компанијата „Рајнметал“. Ова е дел од напорите на Берлин да го зајакне Бундесверот, поради зголемената загриженост за безбедноста на Европа, јавува Анадолу.
Компанијата „Рајнметал“ денес го објави договорот, чија вредност се проценува на околу една милијарда евра. Нарачката опфаќа неоклопни логистички камиони во неколку верзии, вклучително и модели 4х4 (од 3,5 тони), 6х6 (од 5 тони) и 8х8 (од 15 тони). Испораките треба да започнат во првата половина на 2026 година преку „Рајнметал МАН Милитари Виклс“, заедничка компанија со производителот на камиони „МАН“.
Набавката е дел од зголемените напори на Владата на канцеларот Фридрих Мерц за проширување и модернизација на германската војска. Мерц постојано повикуваше Германија да ја формира „најсилната конвенционална армија во ЕУ“ и да ги зголеми трошоците за одбрана, наведувајќи ја како причина неизвесноста околу безбедносните обврски на САД под водство на претседателот Доналд Трамп.
Германскиот генерал Карстен Бреуер, претходно овој месец предупреди дека Русија активно ги обновува своите сили и би можела да претставува значајна закана за Западот до 2029 година, нагласувајќи ја итноста од подобрување на подготвеноста и одвраќањето.
Извори од Министерството за одбрана соопштија дека новите возила ќе ја засилат способноста на Бундесверот за брзо распоредување и одржување на операциите, помагајќи во решавањето на долгогодишните слаби точки во воената логистика.