29 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
ЊУЈОРК (АА) - Коосновачот на „Мајкрософт“ (Microsoft) и мултимилионер Бил Гејтс изјави дека затворањето на држава по држава во Соединетите Американски Држави (САД) во никој случај не е добро решение за спречување на ширењето на пандемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Добрата вест е дека Кина направи сериозен карантин, поригорозен отколку што можат да го направат и најдобрите држави во САД. По шест недели започнаа постепено да се отвораат и бројот на нови случаи падна. Тоа е многу добра вест. Значи, кога ќе ги погледнеме нивните бројки и на пример оние во Јужна Кореја, која ја стави ситуацијата под контрола, јасно е дека САД ги чека тежок период. Можеме да воведеме карантин кој исто така ќе трае од 6 до 10 недели, но тоа мора да се случи на ниво на цела земја. Мора да го зголемиме нивото на тестирање, да ја затвориме земјата и така ќе го намалиме бројот на смртни случаи пред да се зголеми“, рече Гејтс во текот на гостувањето на „Си-ен-ен“ (CNN).
Истакна дека САД треба што поскоро да воведат карантин, со што, според него, економската штета би била помала.
„По тоа ќе имаме економски проблеми, затоа е пожелно проблемот да се реши во што пократок рок, но затворањето држава по држава нема да ни помогне. Ќе имаме експоненцијален раст на случаите насекаде каде што нема да имаме сериозен карантин“, рече Гејтс, и додаде дека американските сојузни држави со помалку од 200 случаи треба да воведат карантин.
„Да речеме дека моментално имате 100 случаи во државата, но тој број ќе расте за 33 отсто секој ден. Наскоро ќе дојдете до 1.000 и 10 илјади. Говориме за експоненцијален раст ако не го запреме ширењето. Што поскоро воведете карантин, полесно ќе го пребродите најголемиот раст на случаите. Дури во април ќе го видиме вистинскиот раст“, рече Гејтс.