Ahmed Asmar
29 Октомври 2024•Ажурирај: 30 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку уште 41 Палестинец се убиени во немилосрдните израелски напади во Појасот Газа, со што вкупниот број на убиени од минатата година достигна 43.061, соопшти денес Министерството за здравство во енклавата, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се додава дека околу 101.223 лица се повредени во тековните напади.
„Израелската окупација изврши четири масакри на семејства во последните 24 часа, што резултираше со 41 убиено лице и 113 повредени“, соопшти Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, се додава во соопштението.
Не почитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која повикува на итен прекин на огнот, Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Израелската офанзива врз Газа го расели речиси целото население на енклавата, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и размена на заробеници меѓу Израел и Хамас не успеаја поради одбивањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја запре војната.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите акции во Газа.