Ekipa
26 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
ГАЗА (АА) - Израелските напади врз окупираната Газа на почетокот на мај, предизвикаа штета од околу 9,5 милиони долари, тврди заменикот-министер за труд и просторно планирање во Газа, Наџи Сархан, јавува Anadolu Agency (AA).
Сархан изнесе податоци за последниот напад што го изведе Израел на тоа подрачје.
„Во последниот израелски напад врз Газа причинета е штета од околу 9,5 милиони долари, а опфатени се земјоделството, економијата, здравството, образованието и инфраструктурата“, појасни Сархан.
Тој додава дека во нападите на Газа во целост се уништени околу 100 објекти, а 700 се делумно срушени. Исто така, поради израелските напади врз подрачјето, дополнително е продлабочена хуманитарната состојба во Газа.
Сархан рече дека во нападите кои ги изведе Израел во ноември 2018 година, во март 2019 година и во мај 2019 година, уништени се околу 2.200 станбени единици, од кои 207 се целосно уништени.
Тој, исто така, истакна дека сѐ уште не се поправени околу 2.000 станбени објекти уништени во израелските напади во летото 2014 година, со образложение дека не се обезбедени потребните средства.
Според податоците што ги изнесе, досега е завршена поправката на 71 отсто од објектите целосно срушени во 2014 година.
Израел врз Појасот Газа, кој е под блокада од 2006 година, изврши опсежни напади во 2008, 2012 и 2014 година. Во споменатите напади настрадаа голем број луѓе, а причинета е и значителна материјална штета.
Во нападите изведени од страна на Израел во Појасот Газа на 4 и 5 мај загинаа 25 Палестинци, меѓу кои три жени и две бебиња, а 150 Палестинци беа повредени.