Mohamed Sabry Emam Muhammed
21 Август 2016•Ажурирај: 22 Август 2016
САНА (AA) – Најмалку 42 лица загинаа во текот на судирите кои во Јемен се водени во изминатите 24 часа помеѓу провладините сили и силите на бунтовничкото шиитско движење Хуси, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на провладините јеменски сили Абдулах ал-Шенфуки соопшти дека во регионот источно од главниот јеменски град Сана се водат жестоки борби, а дека провладините сили ги продолжуваат операциите со цел ослободување на престолнината која веќе две години ја контролираат бунтовниците.
„Провладините сили преземаа контрола на планината ал-Бајад во близина на Сана. Најмалку 17 милитанти на Хуси се убиени, а тројца припадници на провладините сили загинаа во тие судири", рече Ал Шенфуки.
Слични судири се водат и во близина на градот Таиз, каде загинаа најмалку 17 милитанти на Хуси.
Командантот Махфоуз ал-Самет потврди дека и пет провладини борци загинаа а дека 23 се ранети во судирите во источните делови во провинцијата Таиз.
Јемен од крајот на 2014 година е упориште на длабока политичка и безбедносна криза која ескалираше кога бунтовниците шиити ја презедоа контролата над главниот град Сана, а потоа тргнаа во заземање на другите градови.
Претседателот на Јемен Абду Рабух Мансур Хади и неговата влада која силно ја поддржува соседна Саудиска Арабија, се протерани од Сана во Ријад.
Со поддршка на сојузниците, Саудиска Арабија во мај минатата година покрена воздушни интервенции и напади на бунтовничките упоришта.
Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалците (УНХЦР) вчера соопшти дека повеќе од три милиони луѓе во Јемен ги напуштија своите домови.