Ali Cura
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
МОСКВА (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, синоќа во исландскиот главен град Рејкјавик го одржаа првиот состанок за време на кој се согласија дека двете земји, иако меѓу нив постојат значајни разлики, би требало да соработуваат за некои прашања, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров и Блинкен, во рамките на Африканскиот министерски самит на Исланд одржаа прес-конференција на која рускиот шеф на дипломатија напомена дека САД и Русија би требало да соработуваат за прашањата во кои нивните интереси се совпаѓаат и можат да постигнат позитивни резултати.
„Општата состојба на светот значајно зависи од состојбата на односите меѓу Москва и Вашингтон“, изјави Лавров.
Пред состанокот истакна дека со својот американски колега ќе разговара и за најновите случувања во врска со Корејскиот Полуостров, иранската нуклеарна програма и Авганистан.
Нагласувајќи ја важноста на руско-американските односи, Блинкен изјави дека се вложуваат напори за остварување на предвидлив и стабилен однос со Русија.
„Уверени сме дека тоа би било добро и за нас, како и за рускиот народ, но и за целиот свет“, порача Блинкен.
Блинкен додаде дека верува оти лидерите на Русија и САД би можеле да соработуваат и дека тогаш нивните држави и светот би можеле да бидат посигурни.