Elena Trenchevska Chekovic
15 Август 2025•Ажурирај: 17 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Во израелските воздушни напади врз градот Кан Јунис, во јужна Газа, е оштетена канализациската мрежа на болницата „Насер“, предизвикувајќи поплавување со отпадни води, со што се загрозуваат пациентите и медицинскиот персонал, јавува Анадолу.
Одделот за итни случаи на болницата е поплавен, а лекарите и медицинските сестри се принудени да газат низ канализациската вода додека ги лекуваат пациентите.
Во разговорот за Анадолу, Халид Ахмед, раководител на Одделот за интерна медицина на болницата, рече дека се поплавени цели одделенија полни со пациенти, вклучително и оние што зависат од кислородни уреди.
Тој нагласи дека оштетените канализациски цевки се наоѓаат во области означени со „црвено“ од израелската армија, што ги прави недостапни и за кои е невозможна санација, претставувајќи, како што го опиша, „директна закана“ и за пациентите и за персоналот.
Предупредувајќи на ризикот од појава на болести и инфекции, тој ја нарече ситуацијата „катастрофална“ и ги повика меѓународните организации веднаш да интервенираат.
Откако ги започна нападите врз Газа на 7 октомври 2023 година, Израел систематски ги напаѓа болниците и здравствениот сектор, ставајќи ги животите на пациентите и повредените во сериозен ризик.
Болницата „Насер“ е единствена медицинска установа во јужна Газа што опслужува стотици илјади Палестинци.
Израелската армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, води брутална војна во Појасот Газа од октомври 2023 година, во која се убиени над 61.700 Палестинци, а здравствениот систем на енклавата е уништен.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.