Selen Temizer,Halit Süleyman,Mohamad Misto,Levent Tok,Adham Kako
09 Декември 2016•Ажурирај: 10 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Иако претходно беше наведено дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и сојузниците ги прекинале нападите на сирискиот град Алепо и дека започнала евакуацијата на цивилите, бомбардирањата продолжија, а од синоќа немало евакуација на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, вчера во Хамбург, по состанокот со американскиот државен секретар Џон Кери, изјави дека режимот на Асад го прекинал бомбардирањето на Алепо за да се евакуираат цивилите.
Министерството за одбрана на Русија потоа соопшти дека од Алепо се евакуирани 8.500 цивили, меѓу кои 2.900 деца, и дека значаен број милитанти го положиле оружјето, се предале и се помилувани од страна на Асад.
Но, како што јавуваат новинарите на АА од Алепо, бомбардирањето завршило брзо по изјавата на Лавров и започнало повторно околу 23:00 часот. Хеликоптерите ги бомбардирале квартовите на Алепо, Фирцевс и Шејх Саид. Бомбардирањето траело до утринава, а по кратка пауза, повторно продолжило.
Војската на Асад и шиитските милитанти продолжуваат со нападите од воздух и од копно на квартовите Зибидије, Шејх Саит, Јусуф, Шејф ел-Девле, Џуб Селеби, Фирдевс, Бустан, Ал-Касра, Сукери, Маади.
Новинар на АА исто така дознава дека цивилите сѐ уште не се евакуирани од градот, и дека градот не го напуштила ниту војската.
Командантот на Ослободителната војска на Сирија во источниот дел на градот Алепо, Мухамед Шејх, за АА потврди дека ниту цивилите, ниту борците не се евакуирани, и дека бомбардирањата траат без прекин.
Неточни се тврдењата дека престанало бомбардирањето
Официјално лице на цивилната одбрана волепо, Махмуд Навло, исто така изјави дека тврдењата на Русија не се точни.
„Руските тврдења не се точни. Изјавите дека некои борци на опозициската војска се предале на режимот се неточни. Никој не го положи оружјето. Тоа е лага“, изјави Навло.
Иако Лавров вчера изјави дека сириските официјални лица се огласиле во врска со прекинот на бомбардирањето на Алепо, од страната на Асад никој не излезе со информација.
Но, медиумите на Асад тврдат дека евакуацијата на цивилите од Алепо продолжува.
Жителите на сирискиот град Алепо, кои се изложени на речиси секојдневни бомбардирања од страна на режимските сили на сирискиот претседател Башар ал Асад и шиитските милитанти, во страв од нов воздушен напад чекаат да бидат евакуирани и да се спасат од пеколот во овој град.
Силите на сирискиот режим и неговите сојузници од 15 ноември извршуваат непрекинати напади на источните делови на Алепо. Некогашниот економски и културен центар на Сирија и вториот најголем сириски град, стана средиште на најстравични воени настани и страдање на луѓето во таа земја.
Стотици илјади лица во источниот дел на Алепо, подолго од три месеци не можат да ги задоволат основните човекови потреби. Во последните три недели, поради режимските напади престанаа да работат сите болници, медицински центри, пекарници и училишта.
Западниот дел на градот го контролира режимот, а источниот дел опозицијата.