свет

Борел: „Војната во Газа се прошири и во Ерусалим, Западниот Брег и Либан“

– Во однос на ситуацијата во Газа, Борел посочи дека израелските операции значително го ослабнале Хамас, но дека допрва треба да се открие степенот на последиците, уништувањето и човечките загуби.

Ahmet Gençtürk  | 31.08.2024 - Обновена : 31.08.2024
Борел: „Војната во Газа се прошири и во Ерусалим, Западниот Брег и Либан“

АТИНА (АА) - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, вчера предупреди дека војната во Газа се проширила и во Ерусалим (Ал Кудс), на Западниот Брег и во Либан, пренесува Анадолу.

„Од летото насилството се прошири и на Западниот Брег, Ерусалим и на границата меѓу Либан и Израел“, рече Борел на прес-конференција во Брисел по неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ.

Што се однесува на ситуацијата во Газа, Борел посочи дека израелските операции значително го ослабнале Хамас, но дека допрва треба да се открие степенот на последиците, уништувањата и човечките загуби.

„Војната предизвика невидена хуманитарна криза, која пак доведе до исклучително сериозна здравствена криза. Конфликтот се шири кон Западниот Брег и Ерусалим, бидејќи тие се во срцето на конфликтот“, рече Борел.

Во средата израелската армија врз градовите Тулкарм и Џенин, и врз бегалскиот камп Ал Фара во близина на Тубас, ја започна својата најголема воена офанзива од 2002 година во која според палестинските податоци се убиени 20 Палестинци.

Тензиите се зголемуваат низ окупираниот Западен Брег поради бруталната офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година животот го загубија повеќе од 40.600 Палестинци, главно жени и деца.

Оттогаш на окупираната територија на Западниот брег убиени се најмалку 670 Палестинци, речиси 5.400 се ранети, а над 10.300 се приведени, објавија палестинските власти.

Истакнувајќи дека меѓународната заедница генерално не успеала да ја запре војната во Газа, Борел откри дека за време на Генералното собрание на ОН во септември може да се одржи состанок на високо ниво со учество на арапските земји, САД и која било страна што сака да учествува, вклучувајќи го и Израел.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.