Hasan Esen
01 Април 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
БРИСЕЛ (АА) - Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон денес на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Брисел ги предупреди членките на НАТО да ги зголемат издвојувањата за одбраната или во рок од два месеца да подготват план за да ги исполнат буџетските обврски во Алијансата, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека САД, во споредба со другите земји во НАТО, издвојува непропорционален удел за одбраната, додавајќи дека до Самитот на НАТО што ќе се одржи на 25 мај очекува да бидат преземени одредени мерки.
„Нашата цел е на Самитот во мај да порачаме сите сојузници до крајот на годината да ги исполнат своите обврски или да направат планови во кои јасно ќе биде наведено дека земјите на годишно ниво, со преземање на конкретни чекори, ќе ги исполнат своите обврски“, рече Тилерсон.
Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, нагласи дека Германија минатата година одвоила 1,19 отсто од државниот буџет за одбрана, додавајќи дека не е реално Германија да ги зголеми издвојувањата од сегашните 35 на 70 милијарди евра.
„Во Германија не познавам ниту еден политичар кој верува дека ова е можно да се постигне или вакво нешто да се посакува“, рече Габриел.
На денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО најмногу се разговарало за зголемување на издвојувањата за одбрана во рамките на НАТО, за односите меѓу Северна Америка и Европа, борбата против тероризмот и за односите со Русија.