Ekip?
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (AA) - Британската премиерка, Тереза Меј, денес апелираше наводите за сексуално вознемирување и недолично однесување на британските законодавци да се истражат и истакна дека треба да зарти нова култура на почит, пренесува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на годишниот генерален состанок на Конфедерацијата на британската индустрија (CBI) - федерација на работодавачи, Меј нагласи дека сите што работат во парламентот треба да имаат соодветен процес за постапките врзани за поплаки.
„Сакам луѓето што работат во парламентот да имаат доверба дека можат да излезат со тие обвинувања, дека можат да излезат и да пријават несоодветно однесување“, додаде таа.
Меј исто така инсистираше ваквите наводи да бидат фер и правилно истражени.
Нејзиниот говор дојде во период откако во текот на викендот се појавија нови обвинувања за несоодветно однесување против одреден број на пратеници од неколку британски партии, вклучувајќи и одредени политичари од кругот на Меј.
Во врска со Брегзит, британската премиерка истакна дека сака да даде колку што е можно поголема сигурност за бизнисот, во екот на продолжување на преговорите за напуштање на ЕУ.
Сепак, коментарите од високите претставнци на Конфедерацијата на британската индустрија покажуваат дека многу бизниси не се задоволни поради тековната конфузија околу процесот со Брегзит.
Претседателот на Конфедерацијата на британската индустрија, Пол Дрехслер, предупреди дека фирмите може да се преселат од Велика Британија ако „сапунската опера“ на преговорите наскоро не покаже напредок.