İnci Gündağ
12 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
ЛОНДОН (АА) - Во Лондон е одржан последен состанок на кабинетот предводен од премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот е одржан во Канцеларијата на премиерот, а присуствуваа кандидатката за британски премиер, Тереза Меј, министерот на внатрешни работи на Велика Британија, Филип Хамонд, министерот за одбрана Мајкл Фалон, министерот за здравство Џереми Хант и други членови на кабинетот.
Британските медиуми пишуваат дека состанокот траел пократко од еден час и на него се разговарало за редовната политичка агенда. Камерон на состанокот ѝ честитал на Меј, која по повлекувањето на нејзината ривалка Андреа Лидсом, моментално е единствената кандидатка за премиер на Велика Британија.
Внимание на новинарите им привлекло тоа што, по состанокот, Меј во зградата се задржала многу подолго од другите министри.
По состанокот, некои министри изјавија дека им е жал што Камерон го напушта местото на премиер, но ѝ честитаа на Меј.
„Кабинетот е многу горд на тоа што Дејвид Камерон го постигнал во последните шест години”, изјави министерот за здравство Хант.
Се очекува Камерон, кој беше премиер на Велика Британија шест години, да ѝ ја предаде оставката на кралицата Елизабета II.
Камерон би можела да го наследи министерката за внатрешни работи Тереза Меј (59), која моментално е кандидат за тоа место.
Таа беше министерка за внатрешни работи шест години, а има можност да стане и втора британска премиерка и да ја земе титулата на Маргарет Тачер, единствената британска премиерка.