Ahmet Gürhan Kartal
26 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
ЛОНДОН (АА) - Долниот дом на британскиот Парламент го одобри изменетиот Предлог-закон доцна синоќа, кој овозможува гласање за алтернативите во процесот за Брегзит, преземајќи ја контролата врз Парламентот од Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во акт на отпор против владиното справување со процесот за Брегзит, тројца владини министри поднесоа оставка кратко по гласањето за амандманот, што им дава на пратениците време за в среда да се изјаснат против желбите на Владата.
Државниот министер во британското Министерство за надворешни работи и комонвелтот, Алистер Барт, одговорен за Блискиот Исток, министерот за бизнис и индустрија, Ричард Харингтон и министерот за здравство, Стив Брине, ги потврдија своите оставки.
Пратениците го поддржаа амандманот со 329 гласа, додека против беа 302.
Предлогот подоцна беше одобрен од 327 гласа, наспроти 300 против.
Лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, ги пофали пратениците за преземањето на контролата.
„Таму каде што Владата не успеа, Долниот дом на Парламентот мора да успее“, рече тој.
Од Владата истакнаа дека „разочарувачки е да се види како се изгласува овој амандман“, бидејќи „реализира јасна посветеност кон обезбедување процес за изнаоѓање мнозинство во Парламентот оваа недела за понатамошно функционирање.“
„Овој амандман, наместо тоа, ја наруши рамнотежата меѓу нашите демократски институции и поставува опасен, непредвидлив преседан за иднината“, се вели во соопштението на Одделот за Брегзит.
„Додека сега останува на Парламентот да ги постави следните чекори во врска со овој амандман, Владата ќе продолжи да повикува на реализам - сите опции кои се земаат предвид мора да бидат спроведливи при преговорите со ЕУ.“
„Парламентот треба да води сметка за тоа колку долго ќе траат овие преговори, и дали тие бараат подолго продолжување, што би значело одржување на европските парламентарни избори.“
Долниот дом на британскиот Парламент утре се очекува да расправа за различни опции, вклучувајќи го и повлекувањето на членот 50, за втор референдум и за одредени други видови на опции за Брегзит.
Вчера британската премиерка Тереза Меј рече дека сé уште ја нема „доволната поддршка“ за да го врати својот договор на трето гласање во Долниот дом.
Во обраќањето во Парламентот, во врска со нејзините состаноци со лидерите на ЕУ минатата недела во Брисел, Меј истакна дека сака Велика Британија да може да ја напушти ЕУ на 29 март.
„Се надевам дека сите ние можеме да се согласиме, сега сме во моментот на донесување одлука“, им рече таа на пратениците.
Меј додаде дека нејзината влада останува посветена на барањето консензус во Долниот дом на Парламентот доколку нејзиниот договор не биде изгласан.
„[Индикативното] гласање би можело да доведе до исход за кој не може да се преговара со ЕУ“, истакна Меј пред пратениците.
Европската Унија се согласи на продолжување на Брегзитот до 22 мај, доколку оваа недела се одобри Договорот на Меј од страна на Долниот дом. Доколку Договорот не биде одобрен од Парламентот, ЕУ ќе дозволи продолжување само до 12 април.
Британските гласачи одлучија да го напуштат Блокот по над 40-годишно членство, по одржаниот референдум за Брегзит во 2016 година.