Islam Uddin
04 Март 2022•Ажурирај: 05 Март 2022
ИСЛАМАБАД (АА) ‒ Бомбаш самоубиец се разнесе за време на петочната молитва во шиитска џамија во северозападен Пакистан, при што загинаа најмалку 56 лица, а 194 други беа повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бомбашот самоубиец беше запрен од полицијата во џамијата во раздвижената чаршија „Киса Квани“ во Пешавар, но тој насилно влезе во главната сала на џамијата“, изјави началникот на полицијата, Харунур Рашид.
Во изјава за медиумите, Мухамад Асим, портпарол на болницата „Лејди Ридинг“, каде што беа префрлени жртвите од експлозијата, потврди дека бројот на загинати се искачил на 56.
Тој додаде дека повеќе од 194 лица се хоспитализирани поради повреди, а некои од нив се во критична состојба.
Според очевидци, бомбашот самоубиец бил облечен во црна локална облека и кога се приближил до влезната порта на џамијата, почнал да пука, убивајќи едно лице од обезбедувањето на самото место, а ранил уште две.
Засега никој не ја презеде одговорноста за експлозијата. Меѓутоа, во минатото одговорноста за ваквите напади ја преземаше Техрик-е-Талибан Пакистан.
Претседателот Ариф Алви и премиерот Имран Кан остро го осудија нападот и изразија жалење и тага поради загубата на животи.
Министерот за внатрешни работи, Шеик Рашид Ахмед, рече дека станува збор за терористички напад и им нареди на властите да го истражат бомбашкиот напад.