Ikrame Imane Kouachi
28 Септември 2024•Ажурирај: 29 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз Баадаран, град во дистриктот Чуф во централен Либан, се искачи на осум, јави Либанската национална новинска агенција, пренесува Анадолу
Либанското Министерство за здравство претходно објави дека четири лица загинале, а 17 се повредени во воздушните напади врз Баадаран.
Продолжуваат спасувачките операции за расчистување на урнатините и потрагата по преживеани.
Во сличен развој, Министерството за здравство, исто така, потврди дека бројот на загинати од воздушниот напад врз јужното предградие на Бејрут, Харет Хреик, достигна шест, а 91 се повредени.
Јужното предградие, познато упориште на Хезболах, беше жестоко нападнато од израелските сили. Израелските авиони изведоа повеќекратни напади врз областа, тврдејќи дека цел бил главниот штаб на Хезболах.
И покрај тврдењата од извори од израелската армија, Хезболах допрва треба да објави формално соопштение во врска со нападите.
Според либанското Министерство за здравство, Либан се соочува со немилосрдно бомбардирање од Израел откако воените дејства продолжија од понеделникот, што резултираше со над 700 загинати и речиси 2.200 повредени.
Над 77.000 луѓе се раселени поради воздушните напади, особено од јужните и источните делови на земјата.
Меѓународните организации изразија загриженост дека ескалацијата на нападите врз Либан може да го претворат тековниот конфликт во Газа во поширока регионална војна.