Ihvan Radoykov
11 Декември 2021•Ажурирај: 12 Декември 2021
СОФИЈА (АА) - Бугарскиот претседател Румен Радев го назначи лидерот на партијата Промените продолжуваат (ПП), Кирил Петков, за мандатар за состав на новата Влада, јавува Агенција Анадолија (АА).
По преземањето на задачата, Петков рече дека Бугарија го нема луксузот да чека и да губи време, и веднаш на претседателот Радев му го предаде списокот со имињата на 21 министер во Владата.
„Процесот на промени во Бугарија го иницираше претседателот Радев. Сега е време да ја завршиме таа работа. По 32-годишен период кој е зад нас, сакаме да видиме државата да ја преземе грижата за својот народ. Дојде време младите кои избегаа во странство да ја видат својата Бугарија како место на надеж и место за враќање. Време е и нашите стари граѓани да ја видат оваа земја како место за чесен и убав живот. Нашата коалиција ќе работи на остварување на тие цели“, истакна Петков.
Најави дека бугарскиот Парламент на седница на 13 декември ќе гласа за доверба на новата Влада и дека таа потоа ќе го започне четиригодишниот мандат.
Претседателот Радев му посака на Петков успех во формирањето на Владата.
„Задачата на новата Влада ќе биде поправање на тоталитарниот систем на власта на грешникот кој ја водеше Владата во изминатите 12 години“, нагласи Радев.
Четири партии во Бугарија вчера постигнаа договор за формирање коалициска влада.
Бугарската социјалистичка партија (БСП), партијата Има таков народ (ИТН), коалицијата Демократска Бугарија и партијата Промените продолжуваат (ПП) постигнаа договор по еднонеделни преговори.
Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, поднесе оставка во април, откако го загуби мнозинството во Парламентот и во екот на повеќемесечните антикорупциски протести против него и неговата партија ГЕРБ.
Парламентарните избори во април и јули не резултираа со формирање парламентарно мнозинство и нова Влада, па бугарските гласачи излегоа на гласање и во ноември.
Четирипартитната коалиција предводена од мандатарот Петков има 134 пратеници во Парламентот, а за изгласување нова Влада потребно им е натполовично мнозинство, односно над 121 глас.