Ahmet Gürhan Kartal
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер задолжен за прашањата на Блискиот Исток, Алистер Барт, го осуди денес израелскиот план за изградба на нови станбени објекти на Западниот Брег, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Вчерашната објава на планот за изградба на над 1.000 станбени објекти на Западниот Брег и минатонеделната понуда за изградба на уште 1.100, претставува продолжение на политиките кои се осудуваат на меѓународно ниво“, се вели во соопштението на британскиот министер, издадено денес.
Тој рече дека Велика Британија денес се придружува на таквите осуди.
Опишувајќи ја изградбата на станбените објекти како нелегална според меѓународното право, Барт изјави дека таа „останува една од пречките за одржливо дводржавно решение“.
„Ираел во вторникот го објави планот за изградба на 650 нови станбени објекти во централниот дел на Западниот Брег“, пишува во израелскиот дневен весник на еврејски јазик „Израел Хајом“ (Israel Hayom).
Вчера израелската Влада го обнови планот за изградба на уште додатни 1.000 станбени објекти.
Новите станбени единици ќе бидат изградени во еврејската населба Беит Ел, која се наоѓа веднаш до градот Рамалах на Западниот Брег.
Новите станбени единици наводно се со цел да се надоместат еврејските доселеници кои претходно беа евакуирани од илегалните населби насекаде низ Западниот Брег.
„Го повикувам Израел да ја запре таквата контрапродуктивна акција и сите страни да се обврзат на понатамошни напори за намалување на моменталните тензии, и да се создаде вистинска средина за праведен и траен мир“, изјави Барт.
Според палестинските податоци, повеќе од 700.000 еврејски доселеници низ Западниот Брег во моментот живеат во 196 населби, изградени со одобрување од израелската Влада, и во повеќе од 200 населби, изградени без одобрение.
Израелската политика во врска со изградбата на еврејските населби се смета како главна пречка за продолжување на палестинско-израелските мировни преговори, кои беа прекинати во 2014 година.