Ahmet Gürhan Kartal
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Повеќе од 6 милиони луѓе ја потпишаа петицијата во која од британската Влада се бара да го откаже Брегзит, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бројот на потписи драматично се зголеми за помалку од 36 часа од распишувањето минатата недела, што го поттикна Комитетот за петиции да се огласи преку Твитер: „Стапката на потпишување е највисока што досега ја има регистрирано сајтот.“
Петицијата доби повеќе од четврт милион потписи кратко откако беше ставена на интернет минатата среда, предизвикувајќи веб-страницата за парламентарни петиции да „падне“ повеќе од еднаш.
Владата веќе одговори на петицијата, нагласувајќи дека нема план за повлекување на член 50 - процес кој го покренува која било земја што сака да ја напушти ЕУ.
Во петицијата се вели: „Владата постојано тврди дека „излегувањето од ЕУ е волја на граѓаните. Треба да ставиме крај на ова тврдење преку докажување на сегашната поддршка на јавноста за останување во ЕУ. Гласањето на народот можеби нема да се случи - така што, гласајте сега.“
Европскиот суд на правдата претходно донесе одлука дека Велика Британија може еднострано да го повлече членот 50 од Лисабонскиот договор.
Брисел се согласи на продолжување на членот 50 до 12 април, бидејќи Договорот за повлекување беше одбиен од Долниот дом по третпат. Се очекува Парламентот да расправа и да се обиде да изнајде мнозинство за одредени опции за Брегзит, вклучувајќи го и подолгото одложување и повлекувањето на член 50.
Секоја петиција потпишана од 100.000 луѓе е предмет на расправа во британскиот Парламент.