Mustafa Keleş
29 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Велика Британија го свика на итна седница Советот за безбедност на ОН за да се дискутира за последните случувања во Мјанмар, каде што муслиманите од Аракан се изложени на насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
Заседанието би требало да се одржи денес.
Британскиот амбасадор при ОН, Метју Рајкрофт, преку социјалните мрежи порача дека Советот за безбедност на ОН е свикан на итна седница поради случувањата во Аракан.
„Велика Британија го свика на итна седница Советот за безбедност на ОН за да се дискутира за ситуацијата во Мјанмар. Потребно е конечно да се разговара за проблемите што веќе подолго време траат во Аракан. Сите страни ги повикуваме на воздржаност“, наведе Метју Рајкрофт.
Советот за безбедност на ОН сѐ уште не издаде соопштение во врска со планираното заседавање.
Портпаролката на Европскиот совет за Рохинџа, Анита Шуг, во понеделникот во Женева изјави дека на подрачјето на Аракан во последните три дена, во нападите на војската на Мјанмар се убиени меѓу две и три илјади муслимани.
ОН во февруари објави извештај во којшто се наведува дека се пронајдени бебиња и мали деца заклани за време на „операцијата на чистење“.
Владата на Мјанмар тогаш порача дека наводите во извештајот се „преусилени“.
Во Мјанмар, поголемиот дел од населението се будисти (56 милиони жители), а муслиманите сочинуваат околу пет отсто од населението (околу 2,5 милиони).
Според официјалните податоци и извештаите на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозеното национално малцинство во светот. Рохинџа муслиманите немаат своја држава и нивните права се значително ограничени.
Според уставното уредување, државните власти ги признаваат само граѓание кои се вклопуваат во дефиницијата домашни, додека од друга страна, ги игнорираат припадниците на останатите јазични, етнички и верски малцински групи.
Според неофицијалните податоци, диктаторскиот режим во Мјанмар досега уби над 30.000 муслимани, додека поголемиот дел од нив веќе низа години живеат во тешки животни услови.