Ahmet Gürhan Kartal
20 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
ЛОНДОН (АА) - Британските законодавци денеска го изгласаа ревидираниот Предлог-закон за Брегзит кој го поплочува патот за повлекувањето на земјата од Европската Унија (ЕУ) до 31 јануари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со 358 гласа „за“ и 234 „против“, попладнево Долниот дом на британскиот Парламент го предаде Предлог-законот за Договорот за повлекување во комисиска фаза, за кој ќе се заседава по Божиќните празници.
Предлог-законот беше брзо изгласан поради поголемото мнозинство на Конзервативната партија по минатонеделните избори.
Денешното изгласување го поплочи патот за Брегзит до крајот на јануари.
Предлог-законот ќе се врати во Долниот дом на Парламентот на трето читање по завршувањето на комисиската фаза, а потоа ќе биде испратен до Домот на лордовите пред да побара кралска согласност за да стане закон пред 31 јануари.
Предлог-законот на Договорот за повлекување од ЕУ ја помина првата фаза на правната процедура во октомври, но процесот беше паузиран од страна на премиерот Џонсон откако не успеа да добие одобрување за да премине во закон пред претходниот краен рок 31 октомври.
Пропуштајќи го крајниот рок, 31 октомври, и принуден да бара продолжување од ЕУ, Џонсон свика предвремени парламентарни избори откако ЕУ дозволи продолжување на крајниот рок за Брегзит до 31 јануари 2020 година.
Долниот дом на британскиот Парламент од денеска ќе ги прекине сите парламентарни седници до 7 јануари, поради паузата по повод Божиќните празници.