Sinan Doğan
30 Јули 2024•Ажурирај: 31 Јули 2024
БОГОТА (АА) - Владата на Венецуела побара од седум земји од Латинска Америка веднаш да го повлечат својот дипломатски персонал поради коментарите во врска со претседателските избори во Венецуела, јавува Анадолу.
Во соопштението, владата наведе дека Аргентина, Чиле, Костарика, Перу, Панама, Доминиканската Република и Уругвај користеле термини кои претставуваат мешање во внатрешните работи на Венецуела во врска со претседателските избори одржани пред два дена и дека за тоа биле известени дипломатските претставници на овие земји во Венецуела.
Од дипломатскиот персонал е побарано веднаш да ја напушти Венецуела.
Беше најавено и дека Владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро ќе го повлече целиот свој дипломатски персонал од овие седум земји.
„Венецуела има право сама да ја одредува својата судбина. Венецуела е способна да ги преземе неопходните мерки против сите овие дејствија кои ја загрозуваат околината на мирот и соживотот. Ние силно ги отфрламе овие изјави кои се обидуваат да ги игнорираат изборните резултати“, се вели во соопштението.
Аргентина, Чиле, Костарика, Перу, Панама, Доминиканската Република и Уругвај изразија длабока загриженост поради претседателските избори на кои Мадуро доби нов мандат на чело на Венецуела.
Овие земји свикаа итен состанок на Организацијата на американски држави (ОАС) за да разговараат за резултатите од изборите во Венецуела.