Nazir Aliyev Tayfur
04 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
ЧОЛПОН АТА (АА) - Висорамнините што се простираат во регионот Исик Кул на планинскиот венец Тјаншан, во северен Киргистан, се привлечна дестинација за љубителите на природата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Пределите на Григориевка, Ананјево и Семеновка, во подножјето на планинскиот систем Северен Тјаншан, ги фасцинираат посетителите со нивната уникатна убавина. Тие се сметаат за едни од најзначајните природни убавини во Киргистан.

Покрај тоа што платоата нудат единствен поглед и можност за одмор на свеж воздух, тие исто така даваат соодветна средина за планинарење и кампување.
Многу ендемични растенија, планински кози, елени и орли може да се сретнат на висорамнините опкружени со планини на надморска височина од 2.000 до 4.000 метри.
- Висорамнините Григориевка, Ананјево, Семеновка -
Платото Григориевка, што се протега на 60 километри од Чолпон Ата, туристичкиот центар на регионот Исик Кул, се наоѓа во близина на истоименото село Григориевка.
Реката со проѕирни води што тече од врвот Кунгеј до езерото Исик Кул е исто така привлечна дестинација за посетителите.
До платото Ананјево, што се наоѓа на 2.355 метри надморска височина, може да се стигне со теренски возила преку земјени патишта.

Таму се наоѓа и Светото Езеро со кристално чиста вода, формирано како резултат на земјотрес пред 100 години.
Сместено во близина на врвот Кунгеј Ала Тоо, склоно кон ненадејни временски промени, се наоѓа и платото Семеновка кое ги остава посетителите без здив со својата брза река, прекрасните карпести падини и водопадот.

Оние што се одмораат во традиционалните шатори на платото, каде што се служат локални деликатеси, можат да купат мед произведен во подрачјето.
Локалните жители нудат разни услуги меѓу кои и спомен-фотографии со орел и јавање коњи.