СЕНИЦА (АА) - Погледот на заробените меандри на Увац и Сеничкото Езеро, грандиозните птици - белоглави мршојадци, километарски долгите пештери, богатата флора и фауна, здравата храна, гостопримството и пријатниот престој се нештата кои уште од минатата година, овој крај го вметнаа меѓу трите извонредни дестинации во Европа (Europen Destinations Exellence-EDEN) во Србија, во што се увери и екипата на Anadolu Agency (AA) за време на својот престој.
Сеница претставува предизвик за туристите и љубителите на природата од целиот свет, со што од ден на ден привлекува сѐ поголем број на туристи.
Во северниот дел на Пештерската висорамнина, на оддалеченост од 6 километри од Сеница, меѓу планините Јавор и Златар, се наоѓа Сеничкото Езеро. Ова езеро, исто како и Златарско и Радоњско Езеро, е настанато со пресекување на реката Увац и со изградбата на брана кај Нова Варош во 1979 година. Езерото се наоѓа на 985 метри надморска висина, долго е 25 километри и длабоко 108 метри.
Сеничкото Езеро е најпосетувано за време на летниот период. Од различни делови доаѓаат авантуристи, капачи, рибари, ловци на дивеч, љубители на природата... Доколку пристигнете од правец на Сеница или Ивањица, езерото можете да го рагледате со чамец.

Во сончевите денови, на површината на водата се пресликува богатиот пејсаж, испресечен со високите карпи, што е вистински предизвик за љубителите на фотографијата. Една од најпознатите карпести предели е Девојачката стијена (Моминската карпа), која се поврзува со легендата за несреќната љубов на една девојка. На седмиот километар се наоѓа кампот Превина со монтажни објекти, кои се добри за пауза, капење и за риболов. До кампот може да се пристигне и со автомобил, а понатаму кон меандрите се продолжува по пешачка патека.
Во близина на кампот се наоѓа висечки мост, преку кој може пеш да се премине на другата страна од езерото. Посетителите за време на проштката со чамец не можат да ги одминат бројните пештери и големиот број птици, меѓу кои и оние од видот чапји, една од ретките врсти птици-преселници, која и во зимскиот период останува покрај езерото богато со риба.
До погледот на меандрите, познат како видиковец „Молитва”, може да се пристигне и по воден пат, но претходно треба да се премине нагорнина во должина од 2,5 километри со висинска разлика од околу 100 метри.
На ова најпознато место, од кое се нуди единствен поглед, каде што кружат белоглавите мршојадци, може да се пристигне и со возило.
Покрај видиковецот, ограден со дрвена ограда, од кој се прават извонредни фотографии, се наоѓаат Хоџин клик, Сулејмнов крш, Видиковац, Хајров крш, топоними на местата од кои најдобро можат да се видат меандрите и орлите.
- Прекрасно и надреално -
Оние кои за првпат ќе фрлат поглед на меандрите и езерото, велат дека ова место е „боженствено и надреално”.
„Ова е нешто божествено, надреално. Сметам дека секој кој може да дојде, треба да го посети местово и да ги види природата, белоглавиот мршојадец и сето останато. Сѐ е прекрасно”, изјави Драгана Недиќ од Крагуевац.
Нејзината пријателка Рада Стипковиќ пред сѐ ја издвојува гостопримливоста на луѓето.
„Навистина сме импресионирани од сето она што го видовме. Првенствено гостопримството на луѓето. Навистина ова е надреално, секој треба да дојде и да го види. Луѓето разгледуваат многу други земји, и се фалат со сѐ и сешто, а не ја разгледале ниту сопствената земја. Исклучително сум среќна што дојдов тука”, рече Рада.
- Атракција за туристите, најголемата колонија на „небескиот крал” -
Особена атракција за туристите и посетителите на меандрите претставуваат белоглавите мршојадци, единствената врста птици која поради големината и начинот на летање со помош на воздушните струења, го доби називот „небески крал”. Оние кои за првпат доаѓаат на видоковецот Молитва и Видиковац, остануваат импресионирани од изгледот на овие птици, кои како да се навикнати, позираат пред објективите.
Често се случува посетителите да останат без здив во моменти кога овие птици ќе им прелетаат на неколку метри над главите или речиси на дофат на раката. Кога небото над Молитва е без облаци, белоглавите мршојадци се појавуаат во јата кон средина на денот и летаат високо. Колонијата на овие птици сега брои околу 500 единки. Годишно, од сите гнезда се испилуваат 40 пилиња. Оваа грандиозна птица, од видот лешинар, може да живее и до 50 години.
Истражувачот и познавач на белоглавите мршојадци, Рамо Тахировиќ, појасни дека природниот резерват „Увац” го добил тој статус токму поради белоглавите мршојадци, кои на падините на Сеничкото Езеро имаат најбројна колонија на Балканот, и една од најголемите во Европа.
Тахировиќ уште пред 3 децении започнал да се занимава со заштита на оваа единствена врста птици која се гнезди на падините на карпите од кањонот Увац. Тој истакна дека овие птици се чистачи на природата.
„Можеме да се пофалиме со тоа што тука опстанале. Годишно се испилуваат 40 пилиња. Во секое гнездо има само едно пиле и порано беа загрозени, сѐ додека не станаа заштитена врста. Порано, преку зима, носевме остатоци од кланиците и им помагавме да опстанат. Белоглавите мршојадци се чистачи на природата”, појасни Рамо и додаде дека распонот на крилата на белоглавиот мршојадец достигнува до 3 метри. Овој вид птици се долги до 95 сантиметри, а тежат до 8,5 килограми.
Преку летото, кога има пород, белоглавиот мршојадец може да тежи и до 15 килограми, бидејќи собира храна. Оваа птица, која изгледа моќно, не ги напаѓа луѓето ниту останатите животни, туку се храни исклучиво со мртви животни.
- До местото со најдобриот поглед недостасува патна инфрастуктура -
Специјалниот природен резерват „Увац” е прогласен за природно наследство од прва категорија уште во 1971 година, а од 2006 со одлука на владата на Република Србија формирано е претпријатие во Нова Варош, која управува со резерватот.
Најатрактивните места и поголемиот дел од езерото со меандри се наоѓаат на подрачјето на општина Сеница, која е една од најсиромашните во Србија.
За меандрите и останатите природни убавини околу Сеница, до пред неколку години речиси и да не се знаеше во пошироката јавност. За ова место, како истакнува Рамо Тахировиќ, не знаеле ниту жителите на Сеница и на останатите места во Санџак.
„Скоро почнаа да нѐ посетуваат оние кои што доаѓаат од странство. Од голема помош е Туристичката организација на Сеница. Би требало да се изработи некој проект за да се информираат луѓето. Потребно е патот да биде малку подобар, за да може секој да дојде”, порача Рамо и додаде дека со снимките и фотографиите кои тој ги изработил уште пред 30 години, и самиот учествувал во промоцијата на единствениот пејсаж во регионот и пошироко.
Претседателот на сеничката општина, Хазбо Мујовиќ за АА изјави дека се преземаат низа активности за изградба на инфраструктурата со која Сеница би станала една од најатрактивните туристички дестинации, не само во Србија, туку и на Балканот и пошироко.
„Работиме на промоција на Сеничкото Езеро, каде навистина имаме извонредна природа. Фотографиите од тие места ги освојуваат први места низ целиот свет и се прогласувани за најповолна дестинација во овој дел од Србија. Нашиот труд вродува со плод, бидејќи бројот на туристи кои доаѓаат во Сеница драстично се зголеми”, рече Мујовиќ.
Тој наведе дека за развојот на спортскиот туризам, многу е важен Ски-центарот „Жари”, единствен за биатлонците на Балканот, но и центар на надморска височина од 1.200 метри, погоден за подготовки на различни спортисти.
Според зборовите на Мујовиќ, во сезоната недостасувааат капацитети за сместување, но приватните инвеститори забележуваат дека туризмот е добар бизнис и поради тоа, постојано се зголемуваат капацитетите за сместување.
Тој потсети дека Сеница ја красат и голем број христијански и исламски културни и верски објекти.
Минатата година Сеница ја посетиле повеќе десетици илјади луѓе од различни места на Србија, земји од регионот и светот. Ова лето покрај домашните туристи, забележани се и туристи од САД, Канада, Русија, од арапските и од азиските земји.
news_share_descriptionsubscription_contact


