Ali Mukarrem Garip
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
КИРКУК (АА) - Безбедносните сили фатија 85 припадници на терористичката организација ДЕАШ кои се наоѓаа во бегалските кампови во ирачкиот град Киркук, јавува Anadolu Agency (AA).
Заробувањето на припадниците на ДЕАШ, кои преправени како мигранти се наоѓаа во бегалските кампови, е резултат на претресот извршен од страна на припадниците на силите за безбедност.
Кава Гарип, шеф на полицијата на Дакук во Киркук за АА потврди дека имале дојава за терористите скриени помеѓу бегалците.
„Минатата ноќ изведовме акција во бегалските кампови во Дакук и во Лејлан, и заробивме 85 припадници на ДЕАШ", рече Гарип.
Според него, се работи за терористи кои се инфилтрирале меѓу бегалците што го напуштиле местото Хавиџе во Киркук, контролирано од страна на ДЕАШ.
Гарип објасни дека терористите, кои имале важни функции во терористичката организација, успеале да се инфилтрираат помеѓу бегалците, и покрај високите безбедносни мерки.
Фетах Бава, началник на полицијата во Лејлан, изјави дека меѓу терористите има инструктори за воена обука, како и малолетници. Според него, Киркук нема да биде безбеден сѐ додека не се ослободи Хавиџе, кое е под контрола на ДЕАШ од 2014 година.
Според податоците на ирачкото Министерство за миграции и бегалци, во седум бегалски кампови се сместени 650.000 ирачки бегалци.