Elena Teslova
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
МОСКВА (АА) - Триесет и три руски државјани поврзани со приватната воена компанија „Вагнер“ приведени се синоќа во Белорусија, соопшти денес државната новинска агенција „Белта“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Органите за спроведување на законот ги следеле осомничените од моментот на нивното пристигнување во Белорусија.
Се наведува дека во земјата пристигнале вкупно 200 платеници на „Вагнер“ со цел „да ја дестабилизираат ситуацијата за време на кампањата за претседателски избори“.
Истражниот комитет ги испитува приведените лица.
Претседателските избори во Белорусија ќе се одржат на 9 август, а претходно, вршителот на функцијата претседател, Александар Лукашенко, изрази загриженост за можно вклучување на странски приватни воени компании за организирање провокации.