ИДЛИБ (АА) - Најмалку 50 цивили загинаа во воздушните и артилериските напади кои руските бомбардери и силите лојални на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, вчера ги извршија на подрачјето на деескалациската зона на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалната Цивилна заштита (Бели шлемови) соопшти дека најмалку 39 цивили се убиени во воздушниот напад што вчера изутрина го извршија руските авиони на пазар во градот Маарат ал Нуман.
Воздушните сили на режимот на Асад истовремено извршија напад на пазар во Серакиб и убија најмалку седум цивили.
Во попладневните часови руските и бомбардерите на Асад гаѓаа и населени места во Бидама, Талменес и Ал Кабина. Во тие напади животот го загубија четворица цивили.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана синоќа го негираше учеството на руските воздушни сили во нападите на северозападниот дел на Сирија.
Идлиб во неделата беше цел на слични воздушни напади во кои животот го загубија најмалку 17 цивили.
Во Идлиб, како тврдина на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени, кои се цел на постојаните режимски напади. Во нападите во изминатите три дена се убиени најмалку 25 цивили.
Со посредство на Турција и Русија во Сочи, на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, но силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во тој регион.