Yusuf Hatip
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
БРИСЕЛ (АА) - Членот на Европскиот парламент (ЕП), Магид Магид, истакнувајќи дека заедничка опсесија на екстремната десница се муслиманите, нагласи: „Тие се обединети во ширењето говор на омраза против поединците кои не можат да се одбранат“, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на настанот за исламофобија во ЕП, Магид истакна дека екстремната десница започнала да собира приврзаници низ Европа и дека овие луѓе претставуваат закана не само за човековите права, туку и за безбедноста.
Магид, истакнувајќи дека исламофобијата е проширена низ цела Европа, од Унгарија до Шпанија и од Италија до Шведска, рече: „Заедничката опсесија на екстремната десница се муслиманите. Тие се обединети во ширење говор на омраза против поединците кои не можат да се одбранат. Тие се опседнати со секаков вид омраза и дискриминација.“
„Ни треба политичка програма што ги користи сите средства на Европската Унија (ЕУ) за борба против исламофобијата“, нагласи Магид, повикувајќи да не се повторуваат слични активности.
- „Омразата и дискриминацијата станаа главни аргументи на некои политичари“
„Екстремната десница и расизмот ја загрозуваат обединетата ткаенина на нашето општество. Омразата и дискриминацијата станаа главни аргументи на некои политичари. На ова не можеме да останеме бесчувствителни“, нагласи Томазо Чиампарино, координатор на Комисијата на ЕУ за борба против омраза кон муслиманите.
Чиампарино, истакнувајќи дека луѓето можат да бидат дискриминирани поради марамите или брадата, рече: „Борбата против исламофобијата се наоѓа на дното на агендата на повеќето држави. Во поголем број случаи гласот на жртвите не може да се слушне. Ако не успееме по ова прашање, проектот на ЕУ ќе се смета за неуспешен.“
Лајла Азузи, зборувајќи во име на Колективот за борба против исламофобијата во Белгија, истакна дека муслиманите секој ден се изложени на говор на омраза и дека дискриминацијата ја спроведуваат државни и недржавни актери.
Азузи го повика ЕП да донесе резолуција за исламофобија, како што тоа беше сторено за Африканците, Евреите и Ромите.
-„Говорите на омраза се претворија во напади“
Поранешна пратеничка во Регионалниот парламент во Брисел, Махинур Оздемир, кој учествуваше на настанот, во изјавата за АА потенцираше дека за првпат во Европскиот парламент е организирана активност во рамките на Меѓународниот ден против исламофобијата.
Оздемир, наведувајќи дека исламофобијата интензивно влијае на жените, нагласи:
„Од лицата изложени на исламофобија во Белгија 76 отсто се жени, а таа бројка во Франција изнесува 84 отсто. Говорот на омраза почна да се претвора во напади. Такви примери видовме на различни места. За да се спречи тоа, сите парламенти треба да преземат мерки против антисемитизмот, негрофобијата и расизмот. Бидејќи не можете да преземете мерки против нешто ако тоа не го именувате. Исламофобијата не е слобода на изразување, напротив, луѓе умираат поради тоа.“