Ikrame Imane Kouachi
27 Декември 2024•Ажурирај: 27 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Седуммина Палестинци се убиени, а неколку се повредени во израелските воздушни напади извршени рано утринава врз два дома во градот Газа, јавува Анадолу.
Медицински извор за Анадолу изјави дека четворица од Палестинците биле убиени во израелскиот напад врз дом во населбата Шуџаја.
Тројца се убиени во израелскиот воздушен напад врз домот на семејството Харара во населбата Сабра, изјави друг извор од Баптистичката болница.
Очевидци изјавија дека три експлозивни уреди биле активирани во близина на болницата „Ал-Авда“, источно од бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа.
Администрацијата на болницата „Ал-Авда“ синоќа објави дека нејзиниот директор Мохамед Салеха и шест члена на медицинскиот персонал биле повредени од експлозиите во близина на установата. Експлозиите предизвикале штета и на одделенијата во објектот.
Израел започна голема копнена офанзива во северниот дел на Газа на 5 октомври со цел да ја спречи палестинската група Хамас да се прегрупира.
Палестинците, сепак, го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш не е дозволен влез на доволно хуманитарна помош, вклучително храна, лекови и гориво во областа, оставајќи го преостанатото население на раб на глад.
Израел уби повеќе од 45.300 луѓе во Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, а енклавата е разурната.
Минатиот месец Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.