Ikrame Imane Kouachi
21 Септември 2024•Ажурирај: 22 Септември 2024
ГАЗА (АА) - Убиени се најмалку 21 Палестинец, од кои 13 се деца, а десетици се повредени денес во израелското бомбардирање на училиште во населбата Зејтун во градот Газа, во кое биле сместени раселените Палестинци, соопшти владината канцеларија за медиуми, известува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека во воздушниот напад се убиени 21 Палестинец, од кои 13 деца и 6 жени. Една од убиените жени била трудница.
Во нападот се повредени уште 30 лица, меѓу кои 9 се деца“, се наведува во соопштението.
Канцеларијата објави дека од почетокот на израелската брутална офанзива врз Газа, 181 центар за раселени лица биле цел на на напади на израелските сили.
Медицински извор од Баптистичката болница „Ал-Ахли“ во градот Газа за Анадолу изјави дека жртвите биле донесени во болница по нападот на училиштето, во кое биле сместени стотици раселени семејства.
Очевидци изјавија дека израелски воздушен напад ја погодил областа Аскула во населбата Зејтун, убивајќи ги Палестинците кои побарале засолниште во училиштето.
Израелската војска призна дека го гаѓала училиштето, тврдејќи дека Хамас го користел како команден и контролен центар.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Оттогаш, во израелските напади врз Газа се убиени повеќе од 41.300 Палестинци, главно жени и деца.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, но и покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.