Ahmed Asmar
24 Декември 2024•Ажурирај: 25 Декември 2024
РАМАЛА (АА) - Израелската армија приведе уште 15 Палестинци во новите воени рации на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Меѓу приведените во рациите, кои беа насочени кон Хеброн, Витлеем, Наблус, Калкилија, Тубас, Тулкарем и Рамалах, се наоѓаат едно повредено лице и поранешни затвореници, се вели во заедничката изјава на Комисијата за прашања на затворениците и Здружението на палестински затвореници.
„Рациите беа проследени со малтретирање, закани кон приведените лица и нивните семејства и акти на вандализам и уништување на домовите на граѓаните“, се додава.
Со новите приведувања бројот на Палестинци кои израелската Армија ги приведе на Западниот Брег од октомври минатата година е зголемен на над 12.100, вклучително и оние што беа ослободени откако беа приведени, покажуваат палестинските податоци.
Во овој број не се вклучени приведените од Појасот Газа чиј број се проценува на илјадници.
Во текот на изминатите неколку години израелската војска спроведува редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Палестинците насилно се напаѓани и од нелегалните еврејски доселеници.
Според Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 825 Палестинци, а над 6.500 се повредени во оган на израелската армија на окупираната територија.
Ескалацијата следуваше откако Меѓународниот суд на правдата ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и побара евакуација на сите постојни еврејски населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим (Источен Кудс).