Ahmad Adil
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Шефовите на дипломатиите на земјите од блокот БРИКС денес се состанаа во индискиот главен град Њу Делхи, во време на американско-израелската војна против Иран, земја членка на блокот, јавува Анадолу.
За време на дводневниот состанок, индискиот министер за надворешни работи Субрахманиам Џајшанкар е домаќин на своите колеги од 11-члениот блок, што започна со работа во 2009-2010 година со земјите членки Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република. Во подоцнежните години се приклучија и многу други држави - Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Етиопија, Индонезија и Иран.
На состанокот присуствуваат министрите за надворешни работи на БРИКС и шефовите на делегации од земјите членки и партнерите, изјавија официјални претставници.
На состанокот ќе се „разменат мислења за глобални и регионални прашања од заеднички интерес“, додадоа тие.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји не присуствува на состанокот бидејќи Пекинг моментално е домаќин на состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот претседателот Си Ѓинпинг.
Состанокот во Њу Делхи се одржува во време на американско-израелската војна врз Иран, која започна на 28 февруари, и која моментално е под прекин на огнот.
На состанокот присуствува и министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи.
Шефовите на дипломатии на БРИКС ќе остварат средба и со индискиот премиер Нарендра Моди.
Утре, министрите за надворешни работи од БРИКС ќе одржат разни состаноци, по што се очекува заедничка декларација.
Блокот има за цел да создаде алтернативни финансиски механизми, да ја ограничи зависноста од доларот и да ја зголеми застапеноста на Глобалниот Југ во меѓународните институции, предизвикувајќи ги структурите на управување предводени од Западот.
Претседателствувањето на Индија со БРИКС оваа година е водено од темата „Градење за отпорност, иновации, соработка и одржливост“.
Заедно, земјите од БРИКС сочинуваат над 40 % од светското население и над 32 % од глобалниот БДП.