Zein Khalil,Ali Semerci
29 Ноември 2023•Ажурирај: 30 Ноември 2023
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Во Катар се одржаа преговори за потпишување нов договор за „долгорочен прекин на огнот“, во кој Тел Авив ќе ги ослободи палестинските затвореници „осудени“ за убиство на Израелци во замена за ослободување на сите затвореници во Појасот Газа, вклучително и на израелските војници, јавува Анадолу.
Според вестите на израелската државна телевизија КАН, катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдурахман ал Тани, директорот на израелската надворешна разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Џ. Брнс, и директорот на египетското разузнавање, Абас Камил, се сретнале во Доха и разговарале за прекин на огнот и размена на затвореници во Газа.
Наведено е дека меѓу темите за кои се разговарало на преговарачката маса биле новиот договор за „подолг прекин на огнот“ и ослободување од Тел Авив на палестинските затвореници, вклучително и на „осудените“ за убиство на Израелци, во замена за ослободување на сите затвореници, вклучително и на израелските цивили и војници.
КАН објави дека шефот на Мосад, Барнеа, го информирал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за деталите од разговорите во Доха.
Во вестите е наведено дека Хамас ги одобрил општите нацрти на новиот договор што се обидувал да го постигне и сакал „целосен прекин на огнот“, но Израел веќе го отфрлил тоа.
Четиридневната хуманитарна пауза меѓу Хамас и Израел стапи на сила во петокот, 24 ноември, во 7 часот по локално време.
Според договорот, 150 Палестинци во израелските затвори беа ослободени во замена за 50 израелски затвореници кои ги држеше Хамас. Ослободувањето се случи во четири серии за време на четиридневната хуманитарна пауза, која беше продолжена за уште два дена во понеделникот навечер.
Израел започна брутални напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Повеќе од 15.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од 7 октомври. Во Израел, официјалната бројка на загинати е 1.200.