Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
05 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ИДЛИБ (АА) - Десет лица загинаа, а над 20 се повредени во интензивните воздушни и копнени напади на Асадовиот режим во Сирија извршени во населените места во рамки на деескалационата зона во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Силите на режимот кои се состојат од војската на Асад и странските терористички групи поддржани од Иран, од изутрина вршат интензивни воздушни и копнени напади во Маратунуман, Серакиб, Ериха, Маршимарин, Масаран и Деир Сунбул, како и во западото рурално подрачје на Алепо.
Според првичните сознанија, во нападите загинаа 10 цивили, од кои 7 во Ериха, еден во Серакиб и двајца во Берне, додека над 20 цивили се повредени.
Тимовите на Цивилната одбрана продолжуваат со операциите за пребарување и спасување, додека постои загриженост од зголемување на бројот на жртвите.
Како резултат на нападите, цивилите продолжуваат да бегаат кон зоните кои се наоѓаат во близина на границата со Турција.
Градот Идлиб, во северозападниот дел на Сирија, речиси од почетокот на граѓанската војна во земјата се наоѓа под контрола на опозицијата и антирежимските вооружени групи.
Со внатрешната миграција, популацијата на Идлиб достигна до 4 милиони жители. Идлиб се наоѓа на врвот на местата кои се најинтензивно под напади од страна на сирискиот режим.
На состанокот во Астана на 4-5 мај 2017 година, од страна на Турција, Русија и Иран, беа формирани четири деескалациони зони.
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациони зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили кои избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција. Над 1.600 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.
Русија, режимот, како и терористите поддржани од Иран кои изведуваат напади во деескалационата зона во Идлиб, само од почетокот на 2019 година досега се причина за раселувањето на околу 1 милион и 300 илјади цивили кон местата во близина на границата со Турција.