Ekipa
05 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
РИМ (АА) - Пијан возач се втурна во група млади германски туристи во северна Италија, рано утринава, при што загинаа 6 лица, а повредени се 11, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Несреќата се случи во село близу Вале Аурина, кај Болцано во регионот Алто Адиџе, во 1:00 часот по полноќ, а германските туристи - на возраст меѓу 20 и 25 години - се подготвувале да се качат во нивниот автобус.
Автономниот регион во северна Италија со ски-центри во Доломитите и необичните села околу Болзано, е популарен кај германските туристи.
Волонтерската противпожарна служба на Лутаго преку Фејсбук соопшти дека 6 лица го загубиле животот на местото на настанот. „Единаесетте повредени, од кои четворица во критична состојба, се однесени во неколку регионални болници, а двајца се префрлени во болница во Инсбрук, Австрија“, соопшти Алесандро Коасин, командирот на карабинерите во Болцано.
Околу 160 спасувачи и медицински персонал пристигнале на местото на несреќата.
Коасин истакна дека возачот, идентификуван од италијанските медиуми како 28-годишен маж од блискиот град Киенс, е приведен.