Enes Canlı
03 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Во бомбардирањето на мигрантскиот камп источно од Триполи од страна на воените авиони, кои се дел од силите на генерал Калифа Хафтар во Либија, досега загинаа 44 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави специјалното претставништво на Обединетите нации (ОН) во Либија се наведува дека источно од главниот град, во подрачјето на Такура, извршен е воздушен напад врз мигрантски камп. Во нападот животот го загубија 44 лица, а повеќе од 130 се ранети.
Во соопштението се истакнува дека ова е вторпат цел на напад да биде мигрантскиот камп во кој се згрижени повеќе од 600 нерегуларни имигранти.
Специјалниот претставник на ОН во Либија, Гасан Селаме, упати повик „сите оние што ја наредиле оваа операција, која е во спротивност со сите меѓународни закони и со наједноставните човечки норми, што ја спровеле и оние што обезбедиле оружје за оваа операција“ да бидат соодветно казнети.
Во соопштението Селаме вели:
„Овој напад со кој се прави притисок врз овие луѓе, кои во мизерни услови се принудени да се засолнат тука, може да биде оценет како воено злосторство“.
Меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, како виновници за нападот ги смета единиците од источниот дел на земјата, кои се поврзани со силите на Хафтар, а страната на Хафтар молчи за нападот.
- „Полудеа земјите сојузнички на Хафтар“
Во меѓувреме, Фетхи Башага, министерот за внатрешни работи на Владата на национално единство на Либија, за „Асошиејтед прес“ (Associated Press) изјави дека зад нападот стојат земјите поддржувачи на Хафтар.
Башага истакна дека по минатонеделната загуба на критичниот град Гирјан на вооружените групи од Калифа Хафтар, лидерот од источниот дел на Либија, „полудеа земјите сојузнички на Хафтар“, без да ги именува земјите.
Обединетите Арапски емирати и Египет се меѓу главните земји поддржувачи на Хафтар.
- Африканската Унија упати апел за независна истрага
Африканската Унија упати апел во кој се бара нападот врз мигрантскиот камп да биде истражен од независна комисија и одговорните да одговараат.
По пучот во 2011 година и падот на Муамер ел Гадафи, Либија стана точка на запирање на мигрантите на нивниот пат од Африка кон Европа.
Според бројките на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), од 6.000 мигранти, колку што во моментов има во Либија, загрозени се околу 3.000, кои се наоѓаат во „близина на зоната на судири“, и потребно е овие лица што е можно поскоро да бидат евакуирани од тие подрачја.