Во најновите израелски напади врз Газа убиени 174 деца и 89 жени
Според информациите, жените, децата и постарите лица го сочинуваат мнозинството од убиените во израелските напади извршени вчера

ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 174 деца и 89 жени се убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, соопштија локалните власти денес, јавува Анадолу.
Израелските воени авиони вчера бомбардираа различни делови на Газа, при што се убиени над 400 Палестинци, а беа нарушени прекинот на огнот и договорот за размена на заробеници што беше на сила речиси два месеца.
„Меѓу жртвите има 89 жени, 174 деца и 32 постари лица“, изјави Исмаил ал-Тавабта, раководител на владината медиумска канцеларија во Газа.
Тој нагласи дека жените, децата и постарите лица го сочинуваат мнозинството од убиените во израелските напади извршени вчера.
„Овие бројки го потврдуваат однапред планираниот геноцид против нашиот народ во Газа“, додаде тој.
Речиси 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 112.000 се повредени во бруталната израелска воена кампања во Газа од октомври 2023 година.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.