Islam Uddin
09 Март 2023•Ажурирај: 13 Март 2023
МЕЛБУРН (АА) - Многу објекти изгореа, а стотици животни загинаа во пожарот што избувна во областа Тамбарура во австралиската југоисточната држава Нов Јужен Велс (НСВ), објавија локалните медиуми денес, јавува Анадолу.
Пожарот опустоши 15.000 хектари земја и уништи две куќи и пет помошни згради северно од градот Батурст, објави Еј-би-си Њуз.
Се додава дека пожарот усмртил околу 400 овци и 300 говеда.
Локалните власти предупредија дека пожарот може да се прошири во соседните области во наредните денови, особено во близина на Крудин, Пирамул и Харгрејвс.
Околу 200 пожарникари и 14 авиони се обидуваат да го стават под контрола пожарот, кој продолжува да ги загрозува имотите.
Противпожарната служба на Нов Јужен Велс соопшти дека ситуацијата со пожарот денес е поповолна отколку вчера, но пожарот го преминал Салис Флет Роуд и се шири кон Крудин Роуд.
„Доколку планиравте да го посетите тоа подрачје или живеете таму, но сте далеку од дома, ве молиме да не се враќате“, се вели во соопштението на противпожарната служба.
Метеоролошкиот завод на Австралија во понеделникот издаде предупредување дека топлото, ветровито и воглавно суво време може да предизвика значителна опасност од шумски пожари во источните и северните делови на Нов Јужен Велс. Се очекува силните топлотни бранови да се смират до четврток.
„Долгорочната есенска прогноза покажува дека најверојатно ќе биде посуво и потопло од нормалното низ поголемиот дел од Австралија“, се вели во соопштението на Метеоролошкиот завод на Австралија.
Во извештајот за летните пожари во Австралија 2019-2020 година, Светскиот фонд за диви животни (WWF) објави дека тогаш починале, биле повредени или се раселени повеќе од 60.000 коали, при што пожарите влијаеле врз животите на околу три милијарди животни и птици. Во тие пожари животот го загубија 30 луѓе.