Emre Aytekin
18 Октомври 2018•Ажурирај: 20 Октомври 2018
АНКАРА (АА) – Научниците од американскиот Универзитет „Јеил“ и Лондонската кралска академија од Англија во серијата статии објавени во медицинското списание „Лансет“, пишуваа за глобалното и регионално зголемување на стапката на раѓања со царски рез, јавува Anadolu Agency (AA).
Научниците утврдија дека стапката на раѓања со царски рез од почетокот на 2000-та година се зголемила непропорционално.
Истражувачите од Светската здравствена организација (СЗО) што ги испитувале податоците за глобалните раѓања утврдиле дека стапката на раѓања со царски рез во светот од 12,1 отсто во 2000 година, се зголемила на 21,1 отсто во 2015 година.
Според истражувањето, бројот на породувања со царски рез во светот во 2000 година изнесувал 16 милиони, а во 2015 година се зголемил на 29,7 милиони.
Според научниците, само во 10 до 15 проценти од случаите, поради здраствени причини било потребно да се изврши хируршко породување со царски рез, додавајќи дека зголемувањето на породувањата со царски рез е непропорционално и неправилно.
Еден од најважните фактори за зголемувањето на стапката на царски рез е зголемувањето на раѓањата во болниците. Бројот на породувања во болниците помеѓу 2000-2015 година е зголемен за 65 отсто. Исто така, бројот на здраствени установи каде што се применува царскиот рез е зголемен за 35 отсто.
Научниците во истражувањата укажаа и на регионалните разлики во породувањата со царски рез. Во Латинска Америка и Карибите, стапката на царски рез се зголемила за 44,3 отсто, додека во Централна и Средна Африка стапката опаднала на 4,1 отсто.
Во една иста земја, постојат различни стапки во зависност од класните разлики. Практиката на породување со царски рез повеќе се применува од мајки со средни и високи примања.