Ekipa
11 Јуни 2023•Ажурирај: 13 Јуни 2023
КАРТУМ (АА) - Судирите во Судан меѓу суданската армија и паравоената група сили за брза поддршка (РСФ) продолжија денес во главниот град Картум, по завршувањето на еднодневниот прекин на огнот, јавува Анадолу.
Според очевидци, во близина на мостот Халфаја, кој го поврзува градот Омдурман со Бахри, северно од Картум, се забележани судири со тешко и лесно оружје. Над подрачјето се забележани и прелети на воени авиони.
Насилството избувна по еднодневниот прекин на огнот постигнат со посредство на американските и саудиските посредници меѓу двете завојувани страни.
Во судирите меѓу армијата и РСФ од 15 април животот го загубија речиси 1.000 лица, а илјадници се повредени, покажуваат податоците од здравствените инстанции.
Претходните договори за прекин на огнот меѓу двете завојувани страни постојано се прекршуваа, за што се обвинуваа меѓусебно.
Во последните месеци избувна несогласување меѓу армијата и РСФ околу интеграцијата на паравоената група во вооружените сили, клучен услов од транзицискиот договор со политичките групи на Судан.
Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја собори преодната Влада на премиерот Абдула Хамдок и прогласи вонредна состојба, потег што политичките сили го квалификуваа како „државен удар“.
Транзицискиот период на Судан, кој започна во август 2019 година по соборувањето на претседателот Омар ал-Башир, треба да заврши со избори на почетокот на 2024 година.