Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
ИДЛИБ (АА) - Најмалку две лица загинаа, а десет се ранети во воздушните напади коишто денес ги извршија силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, врз болница и пекарница во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортер на АА од Идлиб јавува дека и денес продолжија нападите во регионот, кој со мировниот договор од Астана е прогласен за зона без судир.

Во воздушните удари, денес во подрачјето Марет ен Нуман е погодена болница, а во местото Серакаб и пекарница.
Болницата во голема мерка е срушена, а погодената зграда на пекарницата веќе не е во употреблива состојба.
Еден од загинатите во нападот на болницата е маж кој ја донел сопругата во породилиште.

Активистите на Цивилната заштита се на терен и ги пребаруваат урнатините.
„Ова е болница која е исклучително од цивилен карактер. Фронтовите на кои се водат судирите се далеку и не знаеме зошто ја погодија болницата“, изјави жител и еден од очевидците на нападот Абдурезак Хасан.
Мусена Мухамед од подрачјето Серакаб, за АА изјави дека во еден од денешните три воздушни напади е погодена и пекарница во тоа место, но дека за среќа, проектилот го погодил складиштето, а не производниот погон во кој работат неколку десетици работници.