Tufan Aktaş
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
АДИС АБЕБА (AA) – Премиерот на Етиопија, Хајлемаријам Десалењ, соопшти дека сите политички затвореници во земјата ќе бидат пуштени на слобода, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателите на партиите кои ја сочинуваат владината коалиција во Етиопија, Етиопски народен револуционерен демократски фронт (EPRDF), одржаа состанок со претставниците на локалните медиуми, на којшто Десалењ соопшти дека обвиненијата против сите политички затвореници ќе бидат отфрлени, додека казнено-поправниот дом Маекелави, каде што се притворени политичките затвореници, ќе биде претворен во музеј.
„Сите политички затвореници ќе бидат пуштени на слобода“, истакна премиерот на Етиопија.
Се очекува оваа одлука да ги намали политичките тензии во земјата.
Во некои делови од земјата има ограничен пристап до мобилен интернет поради демонстрациите на опозицијата и етничките судири, додека во големите градови нема пристап до одредени интернет страници како што се „Facebook“ (Фејсбук) и „Youtube“ (Јутјуб).
Опозициските групи во Етиопија и организациите за човекови права често ја обвинуваат владата за прекршување на човековите права на политичарите од опозицијата.