Mücahit Aydemir
15 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
ТРИПОЛИ
Либиската Армија објави дека милициите на Хафтар, лидерот на нелегитимните вооружени сили од источниот дел на земјата, повторно го прекршиле примирјето напаѓајќи ги воените единици со четири проектили „град“ (BM-21), јавува Агенција Анадолија (АА).
Генерал Абдулахи Дирах, портпаролот на Одделот за заеднички операции за Сирт и Џуфра на либиската Армија, организираше прес-конференција на која соопшти дека милициите на Хафтар со проектили „град“ ги нападнале воените единици распоредени во подрачјето Бувејрат ал Хасун, западно од Сирт.
Дирах информира дека во нападот нема загинати или ранети.
- Петто прекршување на примирјето
Премиерот на Либија, Фајиз ес Сарач и Акиле Салих, претседател на Претставничкиот дом од Тобрук и политички сојузник на Калифа Хафтар, на 21 август објавија дека е донесена одлука за воведување примирје.
И покрај важечкото примирје, силите на Хафтар од првиот напад изведен на 27 август, со 12 проектили досега петпати го прекршија примирјето. Од армиски извори се дознава дека досега немало човечки жртви во овие напади.
Во рамки на траен прекин на огнот се предвидува Сирт и Џуфра да бидат демилитаризирани подрачја, платениците да ја напуштат земјата, а општите избори и изборот на Претседателскиот совет да се одржат во март следната година.