Büşra Akın Dinçer
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
ЛОНДОН (АА) - Сослушувањето на случајот на Велика Британија за излез од ЕУ од страна на Врховниот суд ќе започне денес додека владата се обидува да ја избегне обврската за обезбедување парламентарна согласност за преговорите за излез, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата ќе ја преиспита пресудата на Високиот суд донесена минатиот месец дека мора да се консултира Парламентот пред да се активира членот 50 од Лисабонскиот договор ( формален механизам за напуштање на ЕУ).
Единаесет судии ќе ги сослушаат аргументите во текот на четири дена, а пресудата ќе се донесе наредната година.
Премиерката Тереза Меј инсистираше нејзината влада да го активира членот 50 пред крајот на месец март, користејќи „правно овластување”.
Сепак, Високиот суд вели дека само Парламентот може да направи промени кои ќе влијаат на законите донесени во Актот за европска заедница во 1972 година, со кои Велика Британија се приклучи на Европската економска заедница, предводник на ЕУ.
Овој случај ќе биде емитуван во живо од страна на неколку телевизиски канали.
Правниот предизвик за случајот на Владата е поставен од страна на активисти во Северна Ирска, додека на владите на Шкотска и Велс исто така им беше дозволено да учествуваат во случајот. Тие тврдат дека нивните регионални собранија, исто така треба да бидат консултирани во врска со излезот на Велика Британија.